Skip to main content

Перфекционизам

 

                       

Перфектно завршено.

Коренот на зборот се наoѓа во латинскиот збор perfecto и значи завршено.

Но, за перфекционистите никогаш не е добро завршено. Секогаш може подобро и повеќе.

Тешкотијата е во тоа што перфекционистите немаат друг избор, едноставно мора да биде совршено. Таа потреба е како некој вид на присила, која често пати преминува во опсесивно-компулсивно однесување.  Внатрешната присила за беспрекорна чистота, може да се претвори во миење раце 30 пати дневно или секојдневно рибање на тоалетот. При извршување на работните задачи, перфекционистот ќе заглави во детаљи и анализа, што директно ја намaлува неговата продуктивност. Во љубовта, перфекционистот има нерални очекувања, барања и строги распореди. Ѓубрето се фрла во пет, кучето се шета во шест, долната облека е во првата фиока, а чорапите во последната. Секое отстапување од правилата е страшна катастрофа. Следуваат обвинувања и еден куп генерализации. По серија напади партнерот се повлекува, едноставно станува свесен дека се што ќе направи никогаш не е доволно добро.  Единствена опција е ништо да не прави. Но, тогаш пак настануваат нови обвинувања и партнерите влегуваат во еден токсичен круг – напад – дистанца – напад – уште поголема дистанца.

Вистината е дека перфекционизмот понекогаш врши работа. Перфекционистот поставува високи цели, знае да направи добар план, да види и предвиди нешта кои другите не можат да ги видат.

За важни и стратешки проекти неопходен е перфекционизам, но не и за друго.

Тој е исцрпувачки, напорен, одзема енергија и во крајна линија ја одзема радоста.

Предизвикува анксиозност, а понекогаш и депресија.

Секогаш е придружен со немир.Тој немир го спречува перфекционистот да застане и да ужива во процесот. Немирот го принудува да гледа во иднината, му ги опседнува мислите и му ја одзема смиреноста.

Овој немир е роден од искривената слика за себе и од причинско – последичната врска меѓу совршенството и себевреднувањето.

Перфекционистот не е толку опседнат со совршенството, опседнат е со совршената слика за себе пред другите. Само доколку нештата ги прави совршено, ќе биде прифатен од другите. За да биде вреднуван мора да биде совршен.

Колку е ова залудна борба.

Никој не е совршен, освен Бог.

А, ние може да бидеме мали богови во нашите мали, лични креации.

И, убавината не е во тоа да ни успее од прв пат и да биде совршено. Убавината е во процесот на создавање, во патот на учење, во сите тие мали грешки кои ќе се појават на тој пат. Тој немир на истражување и задоволството на откривање се шините по кои што се движи возот на знаењето.

Знаејќи го ова, да престанеме да гледаме во дамките на прозорецот и да погледнеме низ прозорецот, да ги видиме расцутените дрвја, алиштата што се лелеат во комшискиот двор и кучето што спие на пладневното сонце. Да му дозволиме на детето да се шлапне во првиот и последен вир и да ја изеде јаболката од земја. На себе да си дозволиме да погрешиме и како такви помалку совршени да се прифатиме.

*Илустрација превземена од: https://www.talkspace.com/blog/the-imperfection-of-perfectionism/


Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...

Овде и сега

„ Да се биде сега и овде значи да се биде свесен за сегашниот миг кој е единствен и неповторлив“.   🔸Звучи едноставно, но како да се биде сега и овде, кога умот е навикнат да лута и патува на релација минато-иднина? 🧠Кога со мислите сме во минатото, заглавени сме во нешто што е завршено, без можност за промена. Кога пак размислуваме за иднината, се заглавуваме во претпоставки и несигурности. Неизвесноста расте, а со неа и вознемиреноста. ⭐️Она што со сигурност го знаеме и над што може да имаме целосна контрола е сегашниот момент. 📌Вежба за практикување на свесноста за сега и овде: ⭐️Помини неколку мига во чисто набљудување на околината. ⭐️Сконцентрирај се на се она што е околу тебе и замисли дека до најситен детал ќе треба да дадеш опис за се она што те окружува. ⭐️Што гледаш? Што те опкружува? Какви бои гледаш? Колкава е големината на објектите што те опкружуваат? Што има околу тебе? Што се движи, а што мирува? ⭐️Сега сконцентрирај се на она што го слушаш. Ако ти е поудобно со ...