Skip to main content

Од каде доаѓа чувството на празнина?

 

                                

Многу луѓе се чувствуваат празни, но за тоа ретко зборуваат. Чувството на празнотија најчесто се јавува кога настанува некој губиток, било да станува збор за личност или врска, а често пати ова чувство е присутно без некоја навидум посебна причина, барем така објаснуваат некои од клиентите.

„Се е ок, не знам зошто така се чувствувам“, „имам супер работа, супер стан, супер гардероба, а некако сум празен“, „најверојатно е период, ќе помине“. Ова се само некои од речениците кои си ги упатуваме себе си во намера да го потиснеме тоа непријатно чувство или когнитивно да го победиме. Најчесто се убедуваме и што е уште полошо, релативизрајќи ја емоцијата, ја поттиснуваме и се ставаме себе си во некоја положба на постојан немир и очекување нешто да се случи.

Кога емоцијата ќе еруптира најчесто одлучуваме да посетиме психолог или психотерапевт и низ терапија постепено да сфатиме дека нашето чувство има длабока врска со бракот, работата, родителите, децата, па дури и нашето минато.

Зад чувството на празнина се наоѓа и уверувањето дека не сме доволно добри, дека постојано мора нешто да докажуваме и дека е тешко „да се биде и постои“. Некои од клиентите ова чувство го опишуваат како „црна дупка“, ништавило, физички недостаток. Соматски чувствуваат бол во предниот граден дел.

Што всушност ни недостига?

Најверојатно самите на себе си. Некаде по патот го заборавивме своето јас. Му залепивме многу „требам и „морам“ и на тој начин го замаскиравме и турнавме под слоевите на секојдневието.

Но, доаѓа ден кога нашето јас изронува од дупката на многуте условувања и сфаќаме дека вака веќе не оди.

Чувството на празнина може да биде нашиот будилник.

 

Бегањето од емоции може да доведе во чувство на празнина

Живееме во свет кој почива на здрав разум и логичност. Понекогаш се чини дека во него нема место за емоции. А, човекот е емотивно битие кое доколку не ги проживува сопствените чувства, ризикува да се соочи со еден куп проблеми: депресија, анксиозност, отсуство на смисол, алкохол, друга зависност, панични напади, чувство на празнина и сл. Бегајќи од своите емоции, човекот бега од самиот себе си и тоа на различни начини. Некои од тие начини можат да бидат и заболување, промени во однесување или преплавеност од чувства.

Во западната култура преовладува ставот дека покажувањето емоции е за слабаци или недостиг на воља, мотивација и амбиција. Ова уверување може да се роди уште во детството, посебно ако од нашите родители сме добивале пораки од типот: „машките не плачат“, „емоцијата е за слаби“, „биди јак/а“.

А, виситината е опозитот. Баш во најголемата слабост, лежи најголемата сила. Тоа се две страни на иста паричка.

Скоро секогаш темелот на човековите проблеми се наоѓа во детството, а она што се случува во сегашноста е само последица. Родители кои бараат детето да се однесува во склад со нивните очекувања, најверојатно и самите тие пораснеле со такви родители. Воспитувајќи и одгледувајќи дете по нивните норми и замисли, родителите добиваат лажна сигурност од една страна, но во детето предизвикуваат голема несигурност во врска со нивните емоции, потреби и сликата за себе. Вистинските потреби на детето и тоа потребата за уважување, сочувство и потврдување се занемарени и потиснати. Овие деца скоро никогаш не се лути, љубоморни, незадоволни, раздразливи или исплашени. Тие се едноставно „добри“ деца. Меѓутоа тоа „добро“ останува на површина, длабоко во себ, детето има многу збунувачки емоции и просто не знае што да прави со сите нив. Поради страв да не биде отфрлено или лишено од родителската љубов, детето избира да ги исполнува родителските очекувања, во замена за вечна љубов од родителите.

Ова е пример за таканаречена условена љубов.

Како што расте, детето продолжува да ја игра таа игра. Дури и како возрасна личност се однесува добро, примерно, смирено, секогаш е ок, ништо не и е потребно, а вистината е спротивна. Се лаже себе си и другите.

Емоциите, кои во коренот на својот збор го имаат движењето, наоѓаат свој пат и алармираат, бараат да ги прифатиме. Ако, случајно не го препознаеме тој повик, тие потворно ќе го најдат својот пат, но овој пат во вид на паничен напад, депресија, безволност или зависност.

Не смееме да заборавиме дека нашите примарни емоции: тагата, стравот, лутината и среќата се еднакво вредни и не се ни доби, ни лоши, едноставно се емоции. Разумот е нашиот ум, емоциите се нашето тело. Телото е несвесно, управувано од автономниот нервен систем, но секогаш искрено и низ него доаѓа вистинскиот живот.

Најчести одбранбени механизми за потиснување на емоции се: негирање, интелектуализирање и прилагодување. Во првиот случај одрекуваме дека нешто постои и се случува, во вториот случај на логичен начин ги објаснуваме чувствата и ги одвојуваме од себе си, додека во последниот случај се однесуваме како што очекуваат другите, а не во склад на нашите потреби. Овие одбранбени механизми имаат улога да не заштитат и тоа најчесто од негативните емоции.

Прифаќање на празнината

Најчест пример на бегање од себе и болните содржини е преку константна работа. Секој ден, работиме без престан, оптеретени сме со различни актовности кои не дозволуваат место за „празен од“. Што би се случило ако застанеме? На ова прашање сите се замислуваат.

За да застанеме, прво мора да застанеме физички, па потоа ментално да видиме што се случува со нас. Ако имаме доволно трпение, ќе може да видиме дека од оваа празнина може да се родат мноштво значајни информации во врска со нас самите, какви сме сами со себе, што потиснуваме во себе, што е тоа што е толку болно и предизвикува чувство на празнина. Ова чувство не ретко е поврзано со нашето внетрешно дете кое сме го заборавиле и занемариле низ сите минати години.

Преку работа на себе, може повторно да го повикаме малото момче или девојче и да го прашаме што е тоа што му е потребно. Како возрасни можеме да се научиме самите себе како е да се биде родител каков што не сме имале и да си пружиме се што ни треба. Преку терапија личноста може да ги ослободи своите болни и потиснати емоции, да ја открие снагата која ја има во себе и полека да продолжи да расте и да се развива. На тој начин, чувството на празнина ќе почне полека да се заменува со чувство на целовитост. Ова ќе помогне да се живее живот во склад со своите најдлабоки вредности и емоции.

Празнината може да биде патоказ, само е потребно да се има доволно сила и да се остане со неа и кога е најтешко.

Драгица Стаменковиќ, лиценциран психолог, семејна советничка, НЛП практичарка

Извори:

https://www.psychologytoday.com/intl/basics/loneliness

https://medium.com/personal-growth/the-psychology-of-loneliness-and-what-you-can-do-about-it-4b113adfaed6

*Фотографија превземена од: https://www.your.md/blog/loneliness


Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...