Skip to main content

Како се формираат карактерните особини на личноста?

 

Низ историјата многу од психолозите се занимавале со проучување на особини на личноста. Некои од нив направиле свои типологии на личности анализирајќи ги поединечните црти и карактерните особини.

Но, што се всушност карактерни особини? Како се формираат? Кои фактори влијаат на обликување на црти на личноста?

 Дефинирање на особини на личноста

 Особини на личноста се сите оние индивидуални карактеристики кои го формираат карактерот на личноста и најзиниот идентитет. Авторите Roberts, Wood и  Caspi во својата книга Handbook of Personality: Theory and Research, велат дека особините се релативно трајни обрасци на мисли, чувства и однесувања што ги разликуваат поединците едни од други.

Теоријата на личност сугерира дека нашиот карактер е составен од многу поединечни црти на личноста. На пример, кога за некој ќе кажеме дека е екстровертен, опишуваме личност која има отворена комуникација, оптимистична, превзема ризик, ориентирана кон изнаоѓање решенија, ужива во друштво и флексибилна.

До неодмна се веруваше дека особините на личноста се обликуваат во првите години од животот и дека се релативно трајна, непроменлива категорија.

Последните лонгитудални истражувања, покажуваат дека особините се променливи и се обликуваат во текот на целиот живот под влијание на окружувањето.

 

На кој начин се менуваат особините?

 Кога се зборува за промена на особините, мора да се потенцира дека доминантните црти на личноста тешко се менуваат. Промените кои настануваат се суптилни и најчесто се однесуваат на еден дел од карактерните особини.

На пример, една ектровертна личност може со текот на годините да открие дека има потреба од самотија и да почне да ужива во својата осаменост. Наместо луда журка да почне да преферира мирни ноќи во домашна атмосфера.

Или пак од друга страна, интровертна личност да открие некоја возбуда во after work забавите и почестите излегувања.

Но, тоа не значи дека истата таа личност ќе поче да ужива во тоа да биде во центар на вниманието или главен организатор на друштвени настани.

Промените кои се случуваат се суптилни, менуваат некоја црта од карактерот, но не можат да ги променат сите карактерни особини.

 

Принципи на личноста

 Погореспоменатите автори опишуваат четири основни принципи врз основа на кои доаѓа до промена на некои карактерни црти. Станува збор за следниве принципи:

 

  • Принцип на зрелост – според овој принцип утврдено е дека како што поминуваат годините луѓето стануваат емоционално постабилни, попријатни за комуникација и социјално подоминантни, бидејќи им се зголемува самодовребата.
  • Принцип на идентитет – овој принцип е поврзан со старосното доба и според него во помлади години луѓето се уште трагаат по својот идентитет, го формираат и експериментираат. Во повозрасното доба, нивниот идентитет е постабилен, бидејќи тие самите стануваат полојани на некои свои ставови и улоги кои ги изградиле во минатите години.
  • Принцип на пластичност – според овој принцип особините на личноста се релативно стабилни, но не се непроменливи. Истите се менуваат под влијание на различни фактори во окружувањето.
  • Принцип на континуитет во улогите – сите улоги кои личноста ги исполнува во своето секојдневие, доведуваат до појава на конзистентност во особините. Начинот на кој се вршат овие улоги, рутината, начинот на однесување и комуникација, креираат одредени особини кои се вкоренуваат и стануваат црта на личноста.
  •  

Карактеристики на личноста

 Кога би сакале да опишеме личност од нашето окружување на располагање ни стојат најразлични придавки кои може да ги употребиме: љубезен, искрен, комуникативен, флексибилен, забавен, шармантен, нељубезен, намќор и сл.

Психологот Gordon Allport составил список со дури 4000 можни карактеристики кои можат да опишат една личност.

Сепак во психологијата доста популарна е теоријата на големата петорка или т.н пет-димензионалната теорија на личност, според која персоналноста на една личност се состои од пет широки димензии, а цртите варираат во интервали од најниско до највисоко во секоја од петте димензии и тоа:

  • -        Екстроверзија
  • -        Совесност
  • -        Пријатност
  • -        Отвореност
  • -        Невротичност

Понатаму сите карактеристики се сместуваат во некоја од овие пет големи групи. Карактеристики на личност како што се: срамежливост, пријателко расположение, дружељубивост или комуникативност, би се сместиле во категоријата на екстроверзија, додека пак љубезност, внимателност, организираност или амбициозност одговараат на катгоријата совесност.

Секоја од овие пет димензии претставува континуум. Тоа значи дека секоја личност поседува карактеристики од сите пет групи, но некои од нив се поизразени и се сместуваат во една доминантна група.

 

Гените или окружувањето?

 Тешко е да се даде одговор на факторите кои влијаат на формирање на карактерните особини, како и на нивното менување.

Многу години се потрошени во истражувања и набљудувања на раст и развој на деца, близнаци, сепарирани близнаци, адоптирани деца и деца во згрижувачки семејства.

Психолозите прифаќаат дека и двата фактора имаат значајно влијание, иако голем број на студии за близнаци укажуваат на силна генетичка компонента.

Резултатите од една позната студија од Минесота[1], која се спорведувала од 1979 до 1999 година и во која што биле вклучени повеќе од 350 пара еднојајчани и двојајчани близнаци, покажале дека еднојајчаните близнаци без разлика дали биле одгледувани во исто или различно домаќинство развиле скоро идентични црти на личност и карактерни особини.

Сепак, овие резултати не можат да потврдат дека само генетиката има влијание  во формирање на личноста, посебно ако знаеме дека кај еднојајчаните близнаци генетиката одредува 50% од карактеристиките, а кај двојајчаните само 20%.

Ние денес знаеме дека двата фактора имаат силно влијание и преку нивната меѓусебна интеракција се формираат сложените црти на личноста и дека истите можат да се менуваат со текот на годините врз основа на стекнато искуство.

 

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог

Семеен советник

НЛП Практичар

 

Извори:

 

·        Bouchard, T.J. Jr, Lykken, D.T., McGue, M., Segal, N.L., Tellegen, A (1990). Sources of human psychological differences: the Minnesota Study of Twins Reared Apart. Science. 1990; 250(4978):  223–228.

 

Roberts, B.W., Wood, D., & Caspi, A. The development of personality traits in adulthood. In O.P. John, R.W. Robins, & L.A. Pervin (Eds.), Handbook of Personality: Theory and Research, pp. 375-399. New York: The Guilford Press; 2008.


[1] http://web.missouri.edu/~segerti/1000H/Bouchard.pdf

*Фотографија превземена од https://.google.com/url?sa=i&url=https%3A%2F%2Fwww.liquidplanner.com%2Fblog%2F7-personality-types-make-well-rounded-team%2F&psig=AOvVaw2afcB7uixCgvLjsiWsvgof&ust=1587724784178000&source=images&cd=vfe&ved=0CAkQjhxqFwoTCOiq1Pat_ugCFQAAAAAdAAAAABAT

Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...