Skip to main content

Анксиозност

 

                        

 

Познато е чувството на немир, страв, загриженост, паника, напнатост или нервоза.  Сите тие чувства се обединуваат под називот анксиозност. Овие чувства се секојдневни и составен дел од животот.  Во стресни ситуации или важни ситуации од кои  очекуваме некој исход, нормално е да се чувствуваме анксиозни или загрижени.

Меѓутоа понекогаш се случува да се преокупираме со некоја ситуација, постојано да мислиме на некој проблем или да сме во некое очекување и загриженост, со што се пореметува нашето вообичаено однесување. Во некои такви околности ќе почнеме да јадеме повеќе или да заборавиме да јадеме, да пушиме повеќе, да чувствуваме напнатост во мускулите, срцето забрзано да ни чука, да ни се потат рацете, а константното чувство на немир да не не напушта. Доколку овие чувства продолжат и по завршување на ситуацијата или не обземаат секојдневно и ни попречуваат во нормалното извршување на обврските, во тој случај можно е да станува збор за анксиозно пореметување.

 

Анксиозноста се изразува низ серија физички симптоми како што се: забрзано чукање на срцето, потење, тресење на рацете или телото, сува уста, потешкотии во дишењето, чувство на топлина, мускулна напнатост, чувство како да се има кнедла во грло и сл.

 

Психичките симптоми поврзани со анксиозноста се следниве: слабост, беспомошност, страв од смрт, страв од полудување, претерана загриженост, чувство дека ќе дојде до онесвестување и сл.

Доколку сите овие симптоми се поврзани со некоја важна, но загрижувачка ситуација и ако истите престанат кога и самата ситуација ќе помине, тогаш станува збор за очекувана реакција, меѓутоа доколку истите се постојано присутни, тогаш е најдобро да е поразговара со терапевт.

 

Анксиозноста е присутна и во различните облици на навротични пореметувања и може да се јави во вид на напади на паника, сите видови на фобии ( агорафобија, страв од инсекти, страв од височина и др.), генерална анксиозност (претерана загриженост), хипохондрија, опсесивно – компулзивно пореметување, социјална анксиозност, психосоматски потешкотии и сл. Иако, сите овие пореметувања изгледаат сосема различно, сепак во својата основа анксиозноста им е заеднички елемент.

 

Понекогаш анксиозноста се појавува и кај „пречувствителните“ личности, односно кога алармните системи на личноста се вклучуваат многу лесно и во погрешно време. Стравот е примарна и корисна емоција, таа е регулатор за безбедноста, се вклучува секогаш кога се чувствуваме нападнати или во опасност. Сигнализира дека треба да бегаме или да се заштитиме, доколку дојде дразба од надвор. Срцето почнува да чука забрзано поради забрзаната циркулација, мускулте се напнуваат, спремни се да се стават во движење, адреналинот се лачи и настанува акција. Меѓутоа во случаи кога нема опасност, ниту потреба од бегство, а телото е подготвено на акција, таа напнатост останува во организмот и се јаувава во вид на анксиозност. Кај личностите кои се пречувствителни на дразби од окружувањето, овие сигнали и реакции се јавуваат во ситуации кога реално нема потреба.

 

На настанувањето на анксиозното пореметување влијаат различни фактори, како што се раните детски искуства, стресни ситуации, загуби на емоционално значајни личности, стрес и притисок на работното место, финансиски проблеми, болести, големи животни промени и настани.

 

Важно е да препознаеме кои се причинителите за појава на анксиозната состојба, дали станува збор за надворешен фактор, за развојна, очекувана или неочекувана криза или пак за наша лична пречувствителност.

 

Во секој случај доколку подолго време се соочувате со некои од погореопишаните симптоми, превземете акција и закажете средба со психотерапевт или психолог.

 

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог

Семеен советник

НЛП Практичарка

*Илустрација превземена од: https://www.flare.com/health/managing-anxiety-during-covid-19/

  


Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...

Овде и сега

„ Да се биде сега и овде значи да се биде свесен за сегашниот миг кој е единствен и неповторлив“.   🔸Звучи едноставно, но како да се биде сега и овде, кога умот е навикнат да лута и патува на релација минато-иднина? 🧠Кога со мислите сме во минатото, заглавени сме во нешто што е завршено, без можност за промена. Кога пак размислуваме за иднината, се заглавуваме во претпоставки и несигурности. Неизвесноста расте, а со неа и вознемиреноста. ⭐️Она што со сигурност го знаеме и над што може да имаме целосна контрола е сегашниот момент. 📌Вежба за практикување на свесноста за сега и овде: ⭐️Помини неколку мига во чисто набљудување на околината. ⭐️Сконцентрирај се на се она што е околу тебе и замисли дека до најситен детал ќе треба да дадеш опис за се она што те окружува. ⭐️Што гледаш? Што те опкружува? Какви бои гледаш? Колкава е големината на објектите што те опкружуваат? Што има околу тебе? Што се движи, а што мирува? ⭐️Сега сконцентрирај се на она што го слушаш. Ако ти е поудобно со ...