Skip to main content

Страв од блискост и врзување

 



Човекот е социјално битие, се раѓа од некој однос и потоа целиот свој живот го поминува во мрежа од односи. Еден од најважните односи е секако партнерскиот, интимен, љубовен однос. Иако, очекувањето дека овие односи сами по себе развиваат само позитивни чувства, сепак болката е неизоставен дел од секој љубовта, понекогаш разочарување, чувство на повреденост или напуштеност. Сите ја знаеме народната: „Каде има љубов, мора да има и бол“, но сепак најважни компоненти на здрав љубовен однос се блискост и поврзаност.

Да се биде близок со некого, значи да се биде свој, со сите свои мани и вредности, стравови, минати искуства, сигурни дека нема да бидеме осудени или неприфатени. Блискост значи дека другиот може да не види без маски, шминка и глума. Во блискиот однос партнерите се слободни да се живеат себе си и истовремено да бидат меѓусебно поврзани без потреба за контрола или промена.

Блискоста и отвореноста отвараат простор за ранливост. Кога луѓето се блиски, отворени се да бидат повредени на секој можен начин. Во блискоста господарат емоциите, а кога има емоции, ранливоста е неминовна.

Од таа причина постои страв од блискост и има две основи:

-        Страв дека ќе бидеме напуштени и оставени

-        Страв дека ќе бидеме омаловажени во односот

Во двата случаја ќе бидеме повредедни и без контрола.

Стравот од блискост се препознава преку:

-        Нелагодност при помисла на блискост

-        Прекинување на врската кога станува сериозна

-        Влегување во површни односи

-        Страв од брак и одговорност

-        Бегање од лични емоции

-        Личноста не верува дека е вредна за љубов и дека некој може вистински да ја сака

-        Ниска самодоверба

-        Овие партнери малку вложуваат во врската

-        Чувство на осаменост

-        Страв дека другата страна ќе ја види нашата вистинска природа и ќе отркрие дека не сме совршени

-        Потреба да се најде совршен партнер (овие личности бараат совршенство и од себе си)

Во овие партнерски врски, кога едниот партнер ќе се приближи, другиот бега. Тоа е како танц, со добро извежбани чекори. Секогаш се избираат партнери со кои може да се држи дистанца и со кои постои сигурност дека нема да може да дојде до подлабока поврзаност и интима.

Едниот партнер е прогонувач, а другиот е прогонуван. Во оваа игра нема победници, останува само бол и празнина. Преку ова однесување партнерите се штитат, но во исто време и повредуваат.

Стравот од блискост се развива во детството, најчесто во семејства кај што немало блискост или пак првите искуства со родителите биле болни, несигурни, полни со немир и непријатност, односно ако личноста била отфрлена од важни фигури во детството. Детето во тој случај заклучува дека блискоста е нешто лошо, тешко и болно. Помалку добиена љубов и сигурност во детството е темел за развој на страв од блискост. Длабоко во себе личноста може да чувствува и одбојност спрема себе си и да бега од себе. Исто така најчесто има уверување дека не заслужува љубов и дека не е доволно вредна за истата.

На пример, ако машко дете пораснало со мајка која физички го злоставувала, постојано критикувала, манипулирала со неговите емоции, не му посветувала внимание, ниту му покажувала чувства и очекувале премногу од него, очекувано е дека ова дете во раното младешко доба ќе развие уверување дека блискоста со жена е еднаква на болка. Иако постои потреба да се биде со жена, таа потреба може да биде потиснета и на многу начини овој маж би избегнувал блискост, воден од раното уверување.

Денеска многу малку парови имаат вистинска поврзаност. Многу почесто партнерите влегуваат во игри, кои се манипулативни по својата природа и преку кои луѓето се обидуваат да одржат рамнотежа помеѓу блискоста и дистанцата. Конфликт и повлекување се два вида на психолошки игри. Понекогаш партнерите не знаејќи како да остварат блискост, ја надоместуваат преку конфликт. Конфликтот ги одржува поврзани. Од друга страна и личностите кои се дистанцираат имаат потреба да се врзат и бидат блиски со партнерот, но од страв, одбираат да ја држат контролата во свои раце, избегнувајќи го партнерот.  Притоа бегаат сами од себе си и потонуваат во осаменост.

И мажите и жените подеднакво се плашат од блискост.

Жените овој страв го кријат зад преголемата посветеност на децата, преоптовареност со работа или обврски, а мажите најчесто бегаат. Колку повеќе се бара емотивен одговор од нив, тие толку повеќе бегаат.

Искрена блискост бара пробивање на нашите сигурни граници. Се откриваме себе си и се што се наоѓа во нас го ставаме на маса пред партенрот. Тој момент застрашува и предизвикува нелагодност. Блискоста се развива ако дозволиме да се отвориме и да останеме во тој однос.

На кој начин се гради квалитетна блиска врска?

Потребно е прво да бидеме искрени пред себе. Дали бегаме од блискост? Што научивме од минатите искуства? Ако искрено одговориме, поголема е шансата да ја откриеме причината која не принудува да бегаме. Запознавајќи се себе се и менувајќи го односот кон себе си, негувајќи се, поддржувајќи се, простувајќи си и прифаќајќи се, ќе ни биде полесно да се приближиме кон партнерот.

За почеток да се однесувам кон себе си, како кон другите. Да заборавиме на идејата дека другите се поважни од нас. Да се обидеме да се однесуваме кон себе си, како кон пријател. Да инвестираме во тој однос, како и во секој пријателски однос.

Кога тоа ќе го промениме во себе си, ќе престанеме да привлекуваме личности кои бегаат од блискост, слични на нас. Преку негувавање на подобар однос кон себе си, стануваме подобри партнери, кои привлекуваат уште подобри партнери. Најголемиот предизвик со кој ќе се соочиме во новата или обновената партнерска врска е пребродувањето на нелагодноста која ќе се појави кога партнерот ќе почне да се отвара пред нас. Да се остане и покрај таа нелагодност е првиот чекор и свесност за промената која се случила.

Притоа, бидете свесни за она  што го чувствувате и што се случува во вашите глави, одговарајте и анализирајте. Овој процес нема да биде лесен, сепак ќе биде ново искуство, но најважно е дека на овој начин се поврзувате со самите себе и партнерот преку блискоста, која е предуслов за развој на љубовта.

*Илустрација превземена од https://www.health.harvard.edu/blog/the-power-and-prevalence-of-loneliness-2017011310977

Comments

Popular posts from this blog

Овде и сега

„ Да се биде сега и овде значи да се биде свесен за сегашниот миг кој е единствен и неповторлив“.   🔸Звучи едноставно, но како да се биде сега и овде, кога умот е навикнат да лута и патува на релација минато-иднина? 🧠Кога со мислите сме во минатото, заглавени сме во нешто што е завршено, без можност за промена. Кога пак размислуваме за иднината, се заглавуваме во претпоставки и несигурности. Неизвесноста расте, а со неа и вознемиреноста. ⭐️Она што со сигурност го знаеме и над што може да имаме целосна контрола е сегашниот момент. 📌Вежба за практикување на свесноста за сега и овде: ⭐️Помини неколку мига во чисто набљудување на околината. ⭐️Сконцентрирај се на се она што е околу тебе и замисли дека до најситен детал ќе треба да дадеш опис за се она што те окружува. ⭐️Што гледаш? Што те опкружува? Какви бои гледаш? Колкава е големината на објектите што те опкружуваат? Што има околу тебе? Што се движи, а што мирува? ⭐️Сега сконцентрирај се на она што го слушаш. Ако ти е поудобно со ...

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

ДОВОЛНО ДОБРА

  Кога си ја дадов дозволата да бидам Доволно добра, знаев дека тоа има врска со шемата Високи стандарди. Доволно долго сум во психотерапија, лично и професионално, за да знам дека зад оваа шема се кријат и шемите Дефектност и Емоционална Депривација. Тоа е убавината на терапијата, стануваш спремен да (на)учиш како да прифатиш и живееш со сите несовршености во секојдневниот живот и релациите. Во релации човек може да се излечи и разболи. А, кога е присутна шемата Превисоки стандарди, страдаат релациите. Има многу брзање, притисок, малку време и она “може подобро”. Подобра работа, подобар брак, врска, подобар ден, подобар партнер, подобар живот, подобар Јас. Тешко е да се задоволат превисоките стандарди, тешко е да се биде доволно добар партнер, син, ќерка, колега, пријател. Но, најтешко им е на нив самите. Секојдневно во борба со самите себе и сопствените очекувања. Како на автоматска трака за трчање, без опција за исклучување. А, кога би била можна таа опција, тогаш би имало повеќ...