Skip to main content

Деца и Развод

 


Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност.

Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар.

Но, како се справуваат децата?

Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат право да ги добијат истите.

Тоа не значи дека од децата треба да зависи одлуката на возрасните и дека на децата треба да им се објаснат сите причини за разводот кои се однесуваат на партнерската врска, но важно е да се разговара за нивните чувства, да им се објасни како ќе се одвива нивниот живот понатаму, да се запознаат со новите правила во секојдневниот живот и сл.

Пред се партнерите треба да се свесни дека тие се разведуваат како партнери, а не како родители и тоа да им го предочат на децата. Родителската улога останува за цел живот, со сите свои одговорности, а родителската љубов никогаш не престанува.

Треба да се знае дека децата често пати мислат дека тие се причината за разводот. Важно е да се разговара со децата и да им се објасни дека тие во никој случај не се причина за разводот и дека одлуката е заедничка на двата партнера.

Што можете да направите како родители?

  • Ø  Охрабрете ги да разговараат за своите чувства и покажете разбирање. Покажете сигурност дека со текот на времето ќе се изборите сите заедно со болните емоции.
  • Ø  Родителите треба да се договорат кога и колку време ќе поминува секој од нив со децата. Најважно е да не се расправаат пред децата и своите несогласувања да не ги решаваат пред нив, а посебно да не ги користат децата за меѓусебна комуникација.
  • Ø  Едно од најважните правила е дека не се зборуваат погрдни и лоши работи за другиот родител пред децата. На овој начин наметнувате дополнителна тежина на кревката детска душа која сака да биде лојална на двата родитела.
  • Ø  Дајте им дозвола да зборуваат за другиот родител пред вас и да покажуваат љубов.
  • Ø  Многу родители си наметнуваат обврска да бидат „совршени“ родители, посебно оние кои немаат старателство над децата. Во обид да компензираат стануваат попустливи, а на децата им е потребна рутина и граници, можеби дури и повеќе во овој процес.
  • Ø  Двата родитела треба да бидат вклучени во сите важни активности на децата и да им даваат поддршка, колку што е можно и колку што дозволуваат условите.

Сепак, како децата ќе се справат со разводот, пред се зависи од ставот на родителите. Ако родителите чувствуваат вина и се однесуваат како да се случила трагедија и децата ќе се однесуваат на тој начин. Но, ако родителите ја прифатат реалноста и промената, најдат сила да продолжат напред, тој оптимизам ќе го пренесат и на децата.

И, за крај најважно е да си дадете време на себе и на децата за да се навикнете на новиот живот.

Извори:

Dz.Nelsen, L.Rot, S.Glen Pozitivna Disciplina, Beograd 2008

Dz.Evans Razvod, a sta sa decom, Beograd 2010

*Илустрација превземена од https://www.danielgarciaart.com/divorce/

Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...