Пред
да почнам да го пишувам текстов, прво на што помислив е онаа познатата: „после
битката сите сме генерали“ и си реков можеби е доцна за паметување и одново анализирање
на добро познатата тема СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, посебно поради последните случувања
во нашиот град.
Но, судејќи според
информациите достапни на сајтот на Министерството за внатрешни работи во период
од 2017-2022 година, се добива впечаток дека
никогаш не е доцна да се зборова за оваа тема.
Но, пред
да се осврнам на официјалните податоци, да се обидеме да дефинираме што се
подразбира под Семејно насилство.
Согласно одредбите во Законот за семејство
во нашата држава, под семејно насилство се подразбира малтретирање,
навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго
психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност,
загрозување или страв.
За да
насилството биде семејно, мора да се случува во семејна заедница, брачна или
вонбрачна врска, со или без деца.
Мора да напоменам дека
не секогаш се мисли на физичко насилство, истото може да биде економско,
сексуално, психолошко и емоционално и се одвива во четири ѕида.
Според
официјалните информации, бројот на пријави, односно поплаки во 2017 изнесувал
2.394,број на прекршоци 278, а кривични
дела 904 или 49,22%, а во 2022 овој број е зголемен во сите секции и тоа:
поплаки – 4.421, прекршоци – 366, а кривични дела – 1.117 или 60.82%.
Во
истата година, извршени се 7 убиства, нанесени се 675 телесни повреди,
пријавени 389 случаи за загрозување на безбедноста. Но, она што е загрижувачко
е тоа што во најголем број на случаи сторители се мажи и сопружници, синови или
партнери од вонбрачни заедници.
Во апсолутни бројки
тоа би значело: од вкупно 7 убиства, во 6 случаи сторители се мажи –
сопружници, од вкупно 675 нанесени телесни повреди,
638 биле нанесени од мажи и од 389 пријавени случаи за
загрозување на безбедноста, во 373 случаи сторители се од машки пол.
Што се однесува до
Куманово по број на пријавени случаи со години наназад, нашиот град е со
бронзен медал, се одржува на III место, после Скопје и Штип.
Од горенаведените податоци, би можеле да заклучиме дека:
Стапката на семејно насилство во однос на број на жители се зголемува од ден на ден и покрај зголемените (е)миграции
-
Најголем дел од насилниците
се мажи
-
Најголем дел од насилниците
се брачни и вонбрачни партнери
Се прашувам што доведува една жена да се најде и одржува во улога на жртва?
Точно е дека трансгенерациски се пренесуваат пораки од типот „ќути и трпи“, “трпение – спасение“, „женско за муку е родено“, „да не си женско“, „жена и змија у главу се ударав“, „жене, деца и кучиња су за ранење и тепање“, „биди добра, да не бидеш модра“, „полош е женски јазик, него турска сабја“ итд.
Кратко и јасно: да не си женско, за мака си родена, да си ќутиш и да си трпиш.
Кога сме кај молчењето искуството покажува дека семејното насилство е ескалирачки конфликт меѓу семејните членови, тригериран од несоодветна комуникација.
Тоа е
воедно и првата фаза – подигање на тензија, кога акумулираниот бес кај
сторителот поради низа проблеми поврзани со невработеност, алкохол, други
зависности, патолошка љубомора, висока потреба за контрола на другите (најчесто
партнерката) или своја поинаква перцепција на дадена ситуација, едноставно
ескалира и влегува во втората фаза -
акутното насилство (злоставување).
Во
оваа фаза сторителот отворено ја малтретира жртвата, вербално ја навредува, се
заканува, физички ја напаѓа, ја претепува,
ја крши покуќнината, ја затвора и сл.
После
оваа фаза, најчесто следи фазата на помирување (фаза на меден месец),
кога сторителот се извинува, купува подароци, се кае, плаче, дава ветувања дека
никогаш нема да се повтори и оваа фаза е фаза на изразена емоционална
манипулација во која сторителот ја обвинува жртвата дека таа е виновна за се
што се случило (ме знаеш каков сум ,премолчи друг пат, не требаше така да
постапиш, што не замолчиш кога ќе ме видиш таков и сл).
Во литературата се среќаваме со генерализрани описи на личноста - насилник и обично се опишува дека насилниците доаѓаат од пониски економски слоеви, дека се љубоморни и посесивни личности, имаат ниска самодоверба, емоционално зависни, ги користат децата за да имаат контрола врз жртвата (мајка, партнерка), ја обвинуваат жртвата и сл.
Се
сложувам дека во многу случаи ова се карактеристиките на личноста на
сторителот, но сакам да потенцирам дека во најголем број на случаи насилникот
не изгледа како некој „пореметен“ или „психопат“. Напротив, често пати тоа се
луѓе кои се симпатични, прифатени во друштво, духовити, весели, услужни.
Најчесто тоа се луѓе со две лица: едно за јавноста, едно за дома.
Но, она што е сигурно е фактот дека нивните жртви се најчесто без поддршка, послаби, финансиски зависни, за кои се чини дека немаат друг избор. Поради овие околности и убедувањето дека нема кој да им помогне, стравот за сопствениот и животот на децата, жртвите со години трпат насилство без да ги поделат своите проблеми со некој од околината.
Многу
често, нивните социјални контакти се ограничени или воопшто ги немаат
(другарки, колешки, пријателки), а ја немаат и поддршката од примарното
семејство (ја к’д сам трпела и ти ќе трпиш,
ти си га бира – кој ти е крив, кој е искочија од овуј куќу више назад не се
враќа и сл.).
Дел од одговорот на моето прашање од почетокот на текстот – зошто жените остануваат во позиција на жртва на семејно насилство е даден погоре, но дали има уште некоја причина?
Освен реалните,
видливи причини, постојат и тн психолошки механизми кои ја одржуваат состојбата
на жртва:
o Стокхолм синдром – жртвата развива приврзаност или некој вид на љубов кој
ја држи во тој однос
o Ирационални убедувања – произлегуваат од позиција на немоќ. Самата помисла
да се спротивставиме некому кој што е
страшен и кој што е во состојба да направи некои „страшни“ работи, се чини
невозможна. Жртвата е немоќна. Во обид да ја врати контролата (моќта) во свои
раце, креира убедувања од типот: „он не так’в“, „лоша
му е пијанка“, „позади његово понашање, крие се добра душа“, „све е тој од
дома“ (морам да признаам дека насилното однесување се учи по модел, но за тоа
во друга прилика) и сл.
o Традиционални мудрости од кои се креираат ирационални убедувања, како што е
„Ако не можеш да го победиш непријателот, придружи му се“, што во овој контекст
би значело „кога е некој страшен за нас, подобро е да го имаме покрај себе,
отколку против себе“.
o Ирационални (погрешни очекувања) – тенденција или желба, можеби наивност да
се верува во тоа дека насилникот ќе се промени и кога ќе се промени ќе ја
залечи раната и однесе болката од нанасената повреда. Ова убедување се
потврдува одново и одново во фазата на меден месец.
Изворот зад сите овие психолошки механизми, а во конкретните примери станува збор за тн механизми на одбрана, е стравот. Но, стравот кој што го чувствуваат жртвите не е страв од кој се бега или се бори, напротив ова е страв во кој жртвата се замрзнува.
Тоа
замрзнување всушност ја остава жртвата во кругот на насилство – страв – надеж и
обратно. Колку повеќе време жртвата е во оваа позиција, толку повеќе трпи
насилство и толку повеќе се зголемува стравот, а како што знаеме во стравот
се големи очите, а немоќта и беспомошноста уште поголеми.
Позицијата на замрзнатост е позиција во која се раѓа трауматското искуство.
Оттука,
многу жртви на насилство развиле посттрауматско стресно растројство како
дијагноза, а во секојдневен живот тоа би значело: присутност на немир,
постојана вознемиреност, константно присуство на страв за сопствениот живот,
животот на децата, срам, чувство на вина, губиток на самодоверба, губиток на
концентрација и фокус, депресија, суицидални помисли, емоционална тапост.
Присутни се и телесни симптоми изразени преку главоболки, несоница, болки во
грбот, вратот и карлицата, дијареа, срцебиење, тремор, отежнато дишење и сл.
Како што го привршувам текстот, сфаќам дека пишувам за последиците и се потсетувам дека лечењето на последиците не ја подобрува состојбата во врска со присутноста на семејното насилство.
Да не се лажеме,
семејното насилство постоело од секогаш и ќе постои за навек, но убедена сум
дека со добра превенција, зачестеноста ќе може многу да се намали.
И, за
крај едно нешто е вистина, а тоа е мислата дека таму каде што царува љубовта
нема место за стравот. Стравот треба да се погледне во очи, со широко
отворени очи и да се именува со вистинското име – СТРАВ. Стравот засекогаш
треба да си остане страв, тој е примарна емоција која не предупредува на
опасност.
Да го послушаме и да
се заштитиме. Неговото затскривање и претворање во приврзаност само ја
продолжува и одржува агонијата.
А, стравот е најлошото
место[1], да побегнеме што побрзо.
*Доколку Вие или некој Ваш
близок е жртва на семејно насилство, обратете се на следниве броеви:
-
Комфор зона за жени – 031 524 060
-
Национална мрежа против насилство врз жените и Семејно насилство – 02 609
0066
-
СОС линија – 141 700
-
Линија за
родители 075/230-530
-
Кризен центар Надеж – 15 315
-
Полиција – 192
Центар за социјални работи, Куманово -
031/438-160;
076/299-464
mrezazazastitaoddiskriminacija@gmail.com
[1] Алузија на книгата: Stefanović-Stanojević, T. Tošić Radev, M. Bogdanović, A. (2018) Strah je najgore mesto: studija o ranoj traumi iz ugla teorije afektivne vezanosti : monografija . Beograd:Centar za primenjenu psihologiju
Comments
Post a Comment