Skip to main content

ПОСТОИ ЛИ СТОКХОЛМСКИ СИНДРОМ КАЈ ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО?

1974 година во Стокхолм, при организран грабеж на банката Сверџис Кредитбанк (Sveriges Kreditbank), шест дена банкарските службеници биле заложени од ограбувачите. Во телефонскиот разговор со тогашниот премиер на Шведска - Олоф Палме (Olof Palme), една од заложничките изјавила дека целосно им верува на ограбувачите, но дека се плаши од полицијата и опсадата.

Истата година е киднапирана Патрициа Кампел Хрст Шо (Patricia Campbell Hearst Shaw), ќерка на Вилијам Рандолф Хрст (William Randolph Hearst), познат американски бизнисмен, иноваторот на тн жолто новинарство, политичар, основач на  Хрст Комуникејшн (Hearst Communications)– медиумски конгломерат. Пети (Patty) била киднапирана од левичарската милитантна група Симбиониз Либерејшн Арми (Symbionese Liberation Army), со која што после 6 недели од заробеништво ограбиле банка и таа јавно се одрекла од своите капиталистички корени.

Фановите на шпанската серија Ла Каза де Папел (La Casa de Papel) имаа прилика да сведочат за љубовта меѓу Моника и Денвер. Моника – банкарска службеничка, заложник на група ограбувачи на банката во која работи, се вљубува во еден член од групата, добиваат дете, станува член на групата и од улогата на заложник станува заложувач.

Со оглед на тоа дека прв познат случај во кој што се развива психолошка поврзаност помеѓу жртвата и сторителот е случајот со грабежот во Стокхолм, во литературата оваа психолошка појава кога се развиваат симпатизерски и романтични односи од страна на жртвата кон сторителот е познат како Стокхолм синдром. На почетокот оваа појава се врзувала за екстремни ситуации, како што се заложништва, концентрациски логори, киднапирања и сл., денеска овој назив се употребува и за жртвите во насилни и злоставувачки врски или кога занемарени деца во раната возраст наоѓаат оправдувања за однесувањето на родителите или други лица кои ги злоставуваат и во исто време се грижат за нив.

Пред да продолжам понатаму, сакам да напоменам дека проучувањето на Стокломскиот синдром служи исклучиво за психолошко објаснување на начинот на кој што жртвите кои изгубиле контрола и моќ во злоставувачка или строго контролирачка околина и релации ја минимизираат својата болка, со цел да преживеат во потенцијално опасните ситуации.

 Стокхолмскиот синдром е еден од механизмите за преживување и се појавува во трауматски ситуации во присуство на четири фактори:

-        Како жртвата ја перципира (доживува) личноста која е во надмоќна позиција

-        Ситуација во која се одвива траумата, при што жртвата е свесна или верува дека не може да се спаси од дадената ситуација

-        Состојба на изолација – жртвата е зависна од злоставувачот во секоја смисла

-        Пролонгираната стресна состојба ја искривува перцепцијата на жртвата и со самиот факт дека се наоѓа во животно загрозувачка ситуација, секој мал гест на нежност го прифаќа како доказ дека злоставувачот е на нејзина страна и дека ја разбира.

 Стокхолскиот синдром е развоен и не се случува оддеднаш. Генерално поминува низ 6 фази:

1.    Благодарност кон злоставувачот, жртвата е благодарна што воопшто е жива

2.    Очајничка потреба да верува дека сторителот ги разбира потребите на жртвата и се грижи за неа

3.    Од таа потреба се развива доверба кон сторителот и грижа за него и неговата состојба (дали ќе заврши во болница, да не биде убиен, да не биде осуден)

4.    Идентификација со сторителот. Колку јака ќе биде идентификацијата зависи од возраста на жртвата. Колку жртвата е помлада, толку појако ќе се идентификува со сторителот.

5.    Жртвата е поврзана со сторителот и му помага во сите активности

6.    Покажува одбојност за бег, дури и не помислува да бега и да го напушти злоставувачот

 Логично прашање кое следува е ЗОШТО ЖРТВАТА ЈА ИСКРИВУВА СВОЈАТА ПЕРЦЕПЦИЈА И ЗОШТО ИЗБИРА ДА ОСТАНЕ ВО ОДНОС КОЈ ЈА ОГРАНИЧУВА НЕЈЗИНАТА СЛОБОДА И НОРМАЛНОТО ФУНКЦИОНИРАЊЕ?

 Професорот по советодавна психологија на Тринити Универзитет (Trinity University), Канада – Пол Вонг (Paul Wong), смета дека пет мотиви влијаат на промена на перцепцијата кај жртвата:

§  Јак мотив за преживување. Доживувањето на злоставувачот како љубезна личност, значајно го намалува стресот и дава лажно чувство за сигурност.

§  Мотив да се избегне стравот и болката. Доколку жртвата се убеди дека ситуацијата не е многу сериозна или опасна, стравот се намалува.

§  Мотив за надеж и смисла. Жртвата го доживува сторителот како жртва на други или слични околности (жртва на дисфункционално, злоставувачко семејство, жртва на трагедија, жртва на систем или организација). На овој начин жртвата се поврзува со сторителот, се убедува дека се слични.

§  Мотив за значење и сигурност. Кога жртвата ќе се убеди дека сторителот нема да ја повреди, таа почнува да го прифаќа неговиот светоглед.

§  Мотив за приврзаност и прифаќање. Во состојба на изолација, единствен извор за поврзување со надворешниот свет е сторителот. Преку контакт, жртвата ја задоволува својата примарна потреба за поврзување, припаѓање, контакт и нагон за преживување.

 Жртвата го доживува сторителот како личност која може да ги задоволи нејзините потреби за сигурност, внимание, безбедност, поврзаност, контакт и на тој начин се создава силно чувство на интимност и зависност. Сторителот ја има целосната контрола врз емоционалните и физичките потреби на жртвата, истите ги задоволува и ја врзува жртвата за себе.

 Graham дава психоаналитичко објаснување на синдромот и го воведува терминот Траума Бондинг (Trauma Bonding) – круг на злоупотреба и позитивно реинвестирање. После секој чин на злоставување следува привидно задоволување на потребите за безбедност, сигурност, љубов.

     Врз основа на истражување на девет вида виктимизирани групи (заложници во концентрациски логори, цивили во комунистички кампови во Кина, членови на култови, сексуални работнички кои имаат свој подведувач (макро), физички и/или емоционално злоставувани деца, жртви на инцест, жени кои биле изложени на насилство и воени заробеници), авторката поставила прашање – дали кај овие групи се јавува поврзаност со сторителот, како и кај Стокхолмскиот синдром?  Резултатите се потврдни, а заклучокот е дека во сите случаи сторителот се заканува по живот, жртвата е немоќна и изолирана, нема услови за бег и се свртува кон сторителот барајќи заштита. Потребата за заштита и желбата за преживување, ја присилуваат жртвата да забележува и најмали знаци на љубезност или емпатија. Жртвата го потиснува стравот, лутината и бесот, за да може да се зближи со сторителот. Но, освен емоциите, таа ги потиснува и своите потреби, а потребите на сторителот стануваат најважни (всушност се крие ирационално убедување дека ако сторителот/злоставувачот е задоволен, ќе биде подобар кон жртвата). За да сторителот биде позадоволен, жртвата се труди да ги задоволува неговите потреби, а за да ги/го разбере подобро, таа почнува светот да го гледа низ неговите очи и на тој начин се зајакнува нејзината приврзаност. Вртејќи се во овој круг жртвата се свртува кон сите оние кои и нудат помош, гледајќи ги како непријатели или како некои кои не ја разбираат. Со текот на времето, доаѓа до интернализирање (целосно усвојување) на перцепцијата на сторителот и жртвата почнува да верува дека навистина заслужува да биде казнета, злоставувана или малтертирана на друг начин.

 Со оглед на тоа дека овој текст би требало да биде продолжение на претходно објавениот текст за семејно насилство, важно е да се разгледа Стокхолмскиот синдром во партнерските врски со насилство.

Во насилните партнерски врски се јавуваат тн нездрави облици на инвестирање, кои ги задржуваат партнерите во врска:

-        Емоционално вложување – жртвата вложила премногу емоции во одржување на врската и не сака да се повлече

-        Социјално вложување – двајцата партнери остануваат во дисфункционална врска за да ги избегнат непријатните социјални ситуации (развод, поделба на имот, осуда од околина)

-        Семејно вложување – двајцата партнери остануваат заедно во убедување дека потребите на децата се пред нивните (да не им правиме стрсови на децата, децата не се виновни, да не се растура семејството)

-        Финансиско инвестирање – контролирачкиот партнер (злоставувачот) често пати е финансиски појак од жртвата и таа е приморана да остане во врската за да биде материјално обезбедена

-        Вложување во животен стил – многу често надвор од 4те ѕида, во јавноста, партнерите одржуваат висок животен стил од кој тешко би се одрекле

-        Вложување во интима – злоставувачите многу често ги уценуваат и контролираат жртвите преку интимни сознанија (уценување со видео содржина, пораки и сл.)

 Иако, Стокхолм синдромот служи за преживување, сепак  ја остава жртвата со бројни последици:

§  Депресија

§  Негативна селф слика

§  Ниска самодоверба

§  Социјална изолација

§  Потешкотии при воспоставување и одржување на интимни врски

§  Деструктивно однесување кон себе и околината

§  Потешкотии во квалитетно извршување на родителска улога

§  Сексуални проблеми

§  Чувство на вина, бес, загуба, беспомошност

Третман на жртвите на Стокхолм синдром вклучува поддршка од семејството и околината, индивидуална и семејна терапија. Според истражувањата најдобри резултати се постигнуваат со системска терпија, шема терапија, EMDR и релационо – интегративен пристап.

Сепак, се чини дека поддршката од семејството и други блиски луѓе е најважна. Доколку некој од наши блиски доживеал трауматско искуство и се соочил со развивање на Стокхолм синдром, посебно ако станува збор за насилни врски, убаво би било да знаеме дека:

o   Жртвата понекогаш е доведена во ситуација да бира меѓу партнерот (злоставувач) и семејството или пријателите, па се случува да се оддалечи од блиските луѓе. Таа е приморана да го избере патнерот, за да се заштити себе и своите деца

o   Сите обиди да се остварат почести контакти со жртвата, само ќе водат кон поголемо оддалечување

o   Корисно е да се воспостават рутински контакти, истите се перципираат како помала закана од страна злоставувачот

o   Важно е да се одржуваат традиционални контакти, за време на празници, при што нема да се коментира нивниот однос

o   Да сме свесни дека постојат многу начини за комуникација и истите да се користат со жртвата, без притисок

o   Да се разбере агресивното и хостилното однесување кај жртвата. Тоа е најзин копинг механизам (начин на преживување)

o   Да се пружи поддршка и разбирање. Не е нужно да се вклучуваме „нагло“ во помош, туку постепено и споро, со постојано нагласување дека ја има нашата поддршка

o   Да се побара помош од психолог и адвокат или друга институција

o   Секоја агресивна реакција од наша страна во обид да ја заштитиме жртвата може да ја влоши ситуацијата. Треба да постапуваме мирно, стрпливо и поддржувачки.

 За крај, одговорот на насловот е логичен сам по себе, зарем не?

 

  

Comments

Popular posts from this blog

Овде и сега

„ Да се биде сега и овде значи да се биде свесен за сегашниот миг кој е единствен и неповторлив“.   🔸Звучи едноставно, но како да се биде сега и овде, кога умот е навикнат да лута и патува на релација минато-иднина? 🧠Кога со мислите сме во минатото, заглавени сме во нешто што е завршено, без можност за промена. Кога пак размислуваме за иднината, се заглавуваме во претпоставки и несигурности. Неизвесноста расте, а со неа и вознемиреноста. ⭐️Она што со сигурност го знаеме и над што може да имаме целосна контрола е сегашниот момент. 📌Вежба за практикување на свесноста за сега и овде: ⭐️Помини неколку мига во чисто набљудување на околината. ⭐️Сконцентрирај се на се она што е околу тебе и замисли дека до најситен детал ќе треба да дадеш опис за се она што те окружува. ⭐️Што гледаш? Што те опкружува? Какви бои гледаш? Колкава е големината на објектите што те опкружуваат? Што има околу тебе? Што се движи, а што мирува? ⭐️Сега сконцентрирај се на она што го слушаш. Ако ти е поудобно со ...

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

ДОВОЛНО ДОБРА

  Кога си ја дадов дозволата да бидам Доволно добра, знаев дека тоа има врска со шемата Високи стандарди. Доволно долго сум во психотерапија, лично и професионално, за да знам дека зад оваа шема се кријат и шемите Дефектност и Емоционална Депривација. Тоа е убавината на терапијата, стануваш спремен да (на)учиш како да прифатиш и живееш со сите несовршености во секојдневниот живот и релациите. Во релации човек може да се излечи и разболи. А, кога е присутна шемата Превисоки стандарди, страдаат релациите. Има многу брзање, притисок, малку време и она “може подобро”. Подобра работа, подобар брак, врска, подобар ден, подобар партнер, подобар живот, подобар Јас. Тешко е да се задоволат превисоките стандарди, тешко е да се биде доволно добар партнер, син, ќерка, колега, пријател. Но, најтешко им е на нив самите. Секојдневно во борба со самите себе и сопствените очекувања. Како на автоматска трака за трчање, без опција за исклучување. А, кога би била можна таа опција, тогаш би имало повеќ...