Skip to main content

Како сонот да стане цел?

 

                

Јас сум сонувач.

Цел живот патувам со полуотворени очи. Штом нештата ќе притиснат во секојдневието ги затворам очите и сонувам. Патувам во Чиле, Израел и Русија, живеам на некоја планина, пишувам книга, играм на работ на Синај и го допирам сонцето.

Во меѓувреме живеам и се прашувам зошто се уште ништо не се менува.

Затоа што имам премногу желби, а малку цели. И, затоа што се уште ја немам комплетирано мојата визија, но тоа е друга приказна.

Да се вратиме на целите.

Сите ја знаеме онаа стара дефиниција и дека целите се мерливи, точно одредени, остварливи, реални и временски определени. Тоа се оние SMART атрибути, МУДРО поставени цели.

Но, што тоа значи?

Мерлива цел е онаа цел која има вредност за мене и не мора да е квалитативна. Нејзиното исполнување зависи од мене, јас сум одговорен/а за целта. Таа е достижна, реална на контекстот. И, секако ја врзувам за некој иден период, но знам кога би ја остварил/а.

Целта е всушност акција и тоа ја разликува од желбата, која скоро секогаш е нереална, грандиозна и најчесто не сум убеден/а дека ќе ја остварам.

Целта е патот до визијата за животот. Остварување на целите ни овозможува да ја живееме својата визија. Еднаш кога целта ќе биде остварена, таа не завршува како некоја слепа улица, туку преминува во друга, поголема цел. Остварувањето на една цел е предуслов за секоја наредна и сите заедно личат на топчиња бисери кои го чинат ѓерданот на животот.

Како да се постави целта?

Прво треба да ја поставиме визијата. За визијата прочитајте тука. 

Второ целта секогаш треба да биде запишана. Запишувањето ја материјализира и ја разликува од желбата. Записот е сведок и некој вид обврзување кон самите себе. Записот има право да побара одговорност од нас.

Трето, таа е секогаш афирмативна. Ако, ја формулираме на начин „Не сакам да пушам“, ризикуваме да се фокусираме само за последниот дел, бидејќи мозокот не препознава негација.

Четврто, целта се пишува во сегашноста, како веќе да е остварена.

Пето, најважно. Кога ја запишуваме, ние всушност ја опишуваме со сите наши сетила. Визуелно ја замислуваме, ја чувствуваме, слушаме, допираме и вкусуваме. Ја опишуваме со целото наше битие.

На пример, да претпоставиме дека мојата цел е да научам да возам.

Поставувањето на целта би изгледало вака:

„Возам на патот кон Куманово. Уживам во погледот и зелените полиња. Прозорците се отворени и му дозволувам на ветерот да си игра со мојата коса. Слушам радио и македонски евергрин. Со леснотија ја менувам брзината и доста лабаво го држам воланот. Се чувствувам слободно и се радувам што набргу ќе ги видам моите најблиски...“

Пожелно е запишувањето да биде што подетално и подлабоко. Видете се себе во моментот на остварување на целта и опишете од збор до збор што гледате и што чувствувате.

И, секако пред да земете молив и хартија, вреди да се запрашате:

-        Зошто ми е важно да ја остварам оваа цел?

-        Што е тоа што ме спречува?

-        Што е тоа што ми е потребно за остварување на целта?

-        Што може да ми помогне во остварувањето?

-        Кои ресурси веќе ги имам?

-        Кој може да ми помогне?

-        На кој начин можам да ја остварам мојата цел?

-        Како остварувањето на целта би влијаело на другите?

-        Каква ќе биде мојата иднина ако ја остварам оваа цел?

-        Како јас би се чувствувал/а по нејзиното остварување?

Одговарајќи на овие прашања, сигурна сум дека ќе откриете кого се може да вклучите во остварување на вашата цел и целиот тој пат да си го олесните, а што е уште поважно, преку мала анализа ќе го утврдите вистинското значење на вашата цел.

И, запомнете: целите се големи само во нашите глави!

*Фотографија превземена од: https://www.life2live4.me/post/create-a-happy-state-of-mind


Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...