Skip to main content

Депресија, деца и адолесценти

 


                                       

        

Депресивното расположение е една од развојните карактеристики на адолесценцијата.

Сепак бројот на млади луѓе кои покажуваат знаци на депресија забрзано расте. Тенка е линијата од депресивно расположение кон депресија и заради тоа е важно навреме да се препознаат симптомите и да се реагира.

Можни фактори

Голем е бројот на факторите кои влијаат во настанување на депресијата кај млади луѓе. Биолошките, наследните, психичките и телесните промени, заедно создаваат комплексна структура на потенцијални влијанија врз појава на оваа болест.

Генетското наследство го зголемува ризикот и веројатноста за депресивна реакција при стресни ситуации.

Биолошките промени предизвикани од неврохемиските реакции во мозокот и хормонското влијание заедно со социјалните фактори можат да бидат само дел од причинителите. Во социјалните фактори влегуваат: нарушени односи со родителите, однос родител-дете во кој детето е потценето, обезвреднето или навредувано, релација во која нема почитување, емоционална поддршка и грижа, семејно насилство, брачни проблеми, развод или загуба на член од потесното или поширокото семејство, врсничко насилство и други стресни ситуации, заедно со погоре наведените фактори од биолошка природа се само дел од важните потенцијални причинители за појава на депресија кај младите.

Иако, депресијата може да се јави во било кое животно доба, сепак симптомите се различни.

Генерално сите кои страдаат од депресија се нерасположени, тажни, немаат воља и се чувствуваат хронично уморни.  Депресијата нарушува и некои телесни функции и се манифестира преку пореметувања на сонот, намален или зголемен апетит, тромост, чувство на немир, раздразливост, исцрпеност, намалена концентрација и расеаност.

Депресија кај млади и адолесценти

Иако овие карактеристики се составен дел од клиничката слика на депресијата, сепак кај малите и школски деца се забележува дека изгледаат тажно, движењето им е успорено и често пати се осамуваат. Помалите деца  се жалат на болки во стомакот и главоболки. Не учествуваат во игри со други деца, постојано бараат контакт, имаат напади на плач или бес, а присутни се и ноќни стравови, ноќни мокрења, нарушување на сонот и апетитот.

Преадолесцентите се жалат дека им е досадно и немаат интерес за вообичаени активности. Најчесто се повлекуваат од социјални контакти, иритабилни се, тешко се соочуваат дури и со најмала фрустрација и често покажуваат лутина. Школскиот успех најчесто се намалува.

За разлика од нив, адолесцентите губат смисла, се станува залудно и без перспектива. Кај најтешките случаи, присутни се суицидални мисли.

Депресивните адолесценти се жалат на апатија, недостиг на енергија, пореметувања во сонот или апетитот, што води кон тоа да се прејадуваат или не внесуваат доволно храна.

Посклони се кон конзумирање алкохол и други средства кои создават зависности, раздразливи се и импулсивни и имаат зголемено чувство на безнадежност.

Сите овие случувања најчесто водат кон намалување на школскиот успех, проблеми на училиште, промени во однесување, бегање од школо или домот, како и склоност кон насилство и други ризични облици на однесување.

Прим.Др. Мара Трипковиќ вели дека во денешниот модерен свет една од причините за појава на несигурност и депресија кај младите е отсуството на реална комуникација. Привидната комуникација од компјутери и мобилни телефони е само копија на реална комуникација. Средбата со реалниот свет за некои адолесценти може да биде трауматично искуство, кое уште повеќе ја разнишува и така нестабилната сигурност во овој период.

Лекување

Раното препознавање на симптомите е од круциијално значење за поставување на навремена дијагноза и избор на облик за лекување.

Во третман на малди депресивни луѓе се користат различни психотераписки техники, психосоцијални интервенции, а ако станува збор за потешки облици на депресија се препорачуваат и антидепресивни лекарства од стручно лице.

При избор на соодветна фармакотерапија мора во предвид да бидат земени физиолошките карактеристики на детскиот организам, како и нивните психолошки карактеристики, за да може стручното лице на најсоодветен начин да ги информира децата и адолесцентите за лекот, но и да добие навремен одговор за евентуалните нуспојави.

На родителите преку советување треба да им се даде поддршка и да им се помогне полесно да го прифатат влијанието на депресијата врз семејниот, училишниот и поширокиот социјален систем.

Најчесто се применува комбинација од повеќе техники и за секој клиент се планира посебен пристап.

 

Извори:

Blatt, S. J., D'Afflitti, J. P., & Quinlan, D. M. (1976). Experiences of depression in normal young adults. Journal of Abnormal Psychology, 85(4), 383–389. https://doi.org/10.1037/0021-843X.85.4.383

https://www.mdedge.com/psychiatry/article/197465/depression/depression-increasing-among-american-teens-young-adults

https://www.the-rheumatologist.org/article/study-finds-young-adults-with-lupus-at-high-risk-for-depression/

https://www.plivazdravlje.hr/aktualno/clanak/15396/Depresija-i-mladi.html

* File Photo by ryan melaugh/flickr

 


Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...