Skip to main content

Дали децата го уништуваат бракот?

 

                            

Сурфајќи на интернет, налетав  на натпис „ Децата го уништуваат животот! Не треба да имаме деца!“

Боже, каков наслов, си помислив и нормално, љубопитноста, моето второ име, ме натера да кликнам и да прочитам ред жалопојки.

Децата ти ги трошат парите, поради нив собираш купони, поради нив се откажуваш од големите соништа, поради нив не водиш љубов и бла, бла бла... Се сожалив над децата чија мајка објавила ваков текст.

Но, сепак, некое црвче и мене почна да ме скокотка. Почнав да си спомнувам и да се присетувам на се она што сум го изговорила, прочитала, слушнала, поделила на некоја од женските седенки.

И, прашањето е дали децата го уништуваат бракот?

Сигурна сум дека го менуваат.

Во семејната психотерапија знаеме за фазите низ кои минува семејството и секоја од овие фази се соочува со развојни задачи и одговорности кои носат и можни кризи.

Така едно семејство со мало дете ќе мора да ги редефинира своите улоги во семејниот систем, ќе треба да направи промени во внатрешната секојдневна организацијата, понекогаш ќе треба да побара помош од надворешен член, партнерите се учат на нова родителска улога, се поставуваат прашања и можни конфликти околу авторитетот, начинот на воспитување и сл.

Штом детето малку ќе попорасне, почне да оди самостојно и штом ќе наполни околу 2,5 години, семејството влегува во нова фаза, а тоа е фазата на семејство со предшколско дете. Во овој период со очекува поактивна социјализација на детето, успешно надминување на аналната индивидуална фаза од развојот, успешно справување со Електра и Едиповиот комплекс и сл. Често пати во оваа фаза децата појавуваат антисоцијлано однесување, ги тестираат границите на своите родители, може да се појават емоционални проблеми, соматски проблеми и проблеми во однесување.

Набрзо детето тргнува во училиште и започнува периодот на семејство со школско дете, а самото дете е во латентната фаза од својот индивидуален развој. Членовите во семејството повторно ќе треба да се реорганизираат, се зголемуваат секојдневните активности, се прошируваат границите, детето ги проширува своите социјални контакти. Овие граници постепено се шират, за да го подготват семеството за периодот на адолесценција, период во кој одеднаш сите членови во семејството некако влегуваат во криза. Родителите во криза на средни години, децата во својата криза на идентитет, родителите на родителите во своите здравствени кризи и на моменти се чини дека системот е во колапс и се распаѓа.

Притоа да не заборавиме дека паралелно, во семејството има и други деца, на други возрасти, дека и тие поминуваат низ свои развојни периоди, дека се случуваат многу непредвидени настани и дека паралелно освен родителската улога, мора да тече и партнерската улога.

Како?

Како после кавга со адолесцент да се најде време за смирен разговор со партнерот?

Како после цела ноќ плачење и доење, жената да поднесе допир на таа иста града?

Како после тепачка на училиште и разговор со директор, да се вратиме дома расположени и да го планираме семејното патување?

И, уште многу како?

Како да не се самообвинуваме, како да не го обвинувме другиот, како да заборавиме на сметките, на екскурзиите, на ратата за кредит и да се посветиме?

Е, баш така. Само со посветување. Посветувањето е и доверба. Верувајќи му на нашиот партнер, лесно ќе се справиме со кавгата од прееска, со непријатниот разговор со директорот и со тантрумот пред градинка. Таму каде што едниот нема да  може, ќе превземе другиот. Кога едниот нема да стаса на време, ќе стаса другиот, кога едниот ќе е премногу уморен, другиот ќе биде одморен.

Како?

Само со договор и доверба. Се другото само ќе си дојде.

И, само тогаш децата не го уништуваат бракот, напротив го зајакнуваат.

*Фотографија превземена од: https://www.stormontvail.org/blog/the-importance-of-organ-donation/

Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...

Овде и сега

„ Да се биде сега и овде значи да се биде свесен за сегашниот миг кој е единствен и неповторлив“.   🔸Звучи едноставно, но како да се биде сега и овде, кога умот е навикнат да лута и патува на релација минато-иднина? 🧠Кога со мислите сме во минатото, заглавени сме во нешто што е завршено, без можност за промена. Кога пак размислуваме за иднината, се заглавуваме во претпоставки и несигурности. Неизвесноста расте, а со неа и вознемиреноста. ⭐️Она што со сигурност го знаеме и над што може да имаме целосна контрола е сегашниот момент. 📌Вежба за практикување на свесноста за сега и овде: ⭐️Помини неколку мига во чисто набљудување на околината. ⭐️Сконцентрирај се на се она што е околу тебе и замисли дека до најситен детал ќе треба да дадеш опис за се она што те окружува. ⭐️Што гледаш? Што те опкружува? Какви бои гледаш? Колкава е големината на објектите што те опкружуваат? Што има околу тебе? Што се движи, а што мирува? ⭐️Сега сконцентрирај се на она што го слушаш. Ако ти е поудобно со ...