Skip to main content

Низ кои фази поминуваат партнерите кои се разведуваат?

 


Развод е неочекувана, вонредна, развојна криза. Легалниот развод може да се означи во една временска точка, но психолошкиот развод може да трае многу години пред и после легалниот развод. Освен што е еден од најстресогените настани, дури втор на скалата на стресни настани, веднаш после смрт на блиска личност, тој воедно е и загуба без ритули кои би овозможиле психичко олеснување. Во исто време, двата партнера се соочуваат со низа нови задачи, а пред се редефинирање на личниот и семејниот идентитет и редефинирање на меѓусебните односи.

Низ кои фази поминува разводот?

Емоционален развод кој најчесто започнува многу време пред да се донесе конечната одлука за развод. Се карактеризира со промени во партнерскиот однос, губење на меѓусебна доверба, взаемен критицизам, истакнување на негативните аспекти во односот и потешкотија да се увидат снагите на заедништво. Меѓусебните обвинувања стануваат нормален начин на комуникација, голем дел од партнерите прекинуваат секаков физички контакт, вклучително и сексуалните односи. Зад отфрлувањата, оптужувањата и конфликтните однесувања се крие изразено чувство на незадоволство од бракот и разочарување. Настанува ерозија во сите позитивни аспекти, а пред се во чувството на поврзаност. Партнерите се дисконектираат, секој се повлекува во свој свет. Во овој јаз, на местото каде што некогаш имало блискост и доверба, се вселува конфликтно однесување, вербално и невербално искажување на незадоволство и обвинување за неисполнети очекувања. Колку повеќе се шири емоционалната пукнатина, толку повеќе се губат здравите капацитети кои го одржувале партнерскиот однос. Партнерите полека влегуваат во процес на тагување, поради губиток на саканата личност. Доколку партнерите продолжат да живеат заедно, се повеќе се зајакнува чувството на отфрленост и повреденост. Во некои случаи и покрај се, партнерите не ги прекинуваат сексуалните контакти. Некои од нив преку сексот се надеваат дека можат да го спасат бракот кој се распаѓа и барем малку да ја зачуваат блискоста, а други се издвојуваат од взаемниот однос и без очекувања сексот го доживуваат како повторна средба со самите себе. Во секој случај, континуираниот физички контакт може да доведе до збунетост и го отежнува природниот процес на тагување.

Важно е да се знае дека партнерите не мора во исто време да поминуваат низ оваа фаза. Ако еден од сопружниците не се чувствува разочарано, тој може погрешно да ја протолкува дистанцата и конфликтното однесување на партнерот. Во обидите да го спаси бракот, може да се обиде да ја интензивира блискоста или да триангулира (замени, компензира) со некоја друга активност (работа, хоби, спорт, па дури и вонпартнерска врска) и на тој начин да ја избегнува директната комуникација за проблемот. Во суштина, позицијата на иницијаторот за развод и оној кој е оставен, битно се разликува. Помалку последици доживуваат двојките кај кои иницијаторот му остава доволно време на партнерот да се подготви за промените кои ќе настапат.

Доколку во оваа фаза партнерите се одлучат за семејна терапија или ЕФТ (емоционално-фокусирана терапија), постои можност за повторно зближување и заедничка одлука за промена на односите и зачувување на бракот.

Легален (Законски) развод  е втор стадиум и трае најкратко. Легална вина не постои, но емоционалната е преизразена. Процесот кои се одвивал во тишина, зад затворени врати на домот, добива сведоци, трета правна страна, која ја потврдува реалноста за прекин на односите. Медијацијата во текот на разводот е доста важна, посебно кај партнерите кои имаат деца, во улога на понуда да најдат адекватно решение без или со помалку конфликти.

Економски развод доаѓа после легалниот и се состои од: финансика/имотна поделба и финансиска одговорност спрема децата.

Кородителство (заедничко родителство) и старателство над децата е наредна фаза од разводот. Терминот кородителство помага за да се диференцира брачниот од родителскиот систем. Иако брачниот систем се разведува, родителскиот систем останува. Во овој стадиум е најкорисно да се побара стручна помош, за да разводот нема негативни импликации врз децата или ги има што помалку. Во комплицирани разводи каде што родителите меѓусебно се осудуваат и се обидуваат да ги решат брачните проблеми преку децата, последиците можат да бидат разорни во однос на децата.

Социјален развод  (развод од мрежата на заедничките пријатели) ги вклучува новонастанатите промени во заедницата, договори околу дружењето со старите заеднички пријатели и искуство на осаменост и самотија. Преку инвестирање во изградба на нови социјални мрежи, осаменоста се намалува и личноста се чувствува способно да креира нови релации и да го организира времето на попродуктивен и исполнувачки начин.

Преипитување на сопствените потреби и интереси, заедно со новонастанатата независност можат да доведат до претерани рекации, како што е поминување на премногу време во друштво, чести промени на сексуални партнери и кршење на забрани кои постоеле порано. Овие реакции се очекувани и овој дисбаланс во крајна линија помага да се изгради нова слика за себе и да се најде рамнотежа.

Психолошки развод е последниот стадиум, доколку личноста не поминува низ религиозен развод, каде што религијата може да помогне да се олесни оваа фаза. Стекнување на автономија и креирање на нов идентитет, е веќе завршено прашање. Личноста не носи идентитет на разведена личност како доминантна карактеристика, туку увидува и користи други лични потенцијали и поддршка од блиски личности. Исто така, идентитетот е раздвоен од бившиот партнер, од неговото влијание,со прифаќање на целосна одговорност за личните мисли и постапки (веќе не се препишуваат проблемите на партнерот и не се обвинува дека не прави ништо како треба).

Успешно завршен развод опфаќа единство од увид во причините заради кои брачниот однос почнал, факторите кои влијаеле на избор на партнерот, неразрешните психички проблеми кои довеле до непремостивиот јаз и развод. Здрава сепарација подразбира отфрлување на вината и виновникот, како и идеализација. Никој не е потполно „црн“ (сепарацијата е оневозможена поради преголема лутина), ниту потполно „бел“ (сепарацијата е отежната поради чувство на вина и идеализација на партнерот).

Секоја од горенаведените фази изобилува со предизвици и промени. Разводот е всушност низа на промени кои успешно се разрешуваат преку прилагодување и прифаќање на одговорност во нов контекст.

Извори:

https://www.womansdivorce.com/stages-of-divorce.html

https://www.marriage.com/advice/divorce/stages-of-divorce-what-do-individuals-really-go-through/

*Фотографија превземена од: https://coodes.co.uk/blog/why-divorce-may-not-have-severed-your-financial-ties-to-former-spouse/

 

Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...