Skip to main content

Панично пореметување



Панично пореметување се карактеризира со панични напади кои можат да се јават спонтано или непосредно по некое случување. За да се постави дијагноза потребно е најмалку еднаш месечно да дојде до паничен напад кај личноста. Исто така, паничните напади можат да се појават кај сите видови анксиозни пореметувања.

Интересно е што дури 75%  од клиентите кои страдаат од панични напади се жени.

Паничните напади можат да бидат присутни кај сите анксиозни пореметувања и тоа: социјална фобија, PTSD, агорафобија, клаустрофобија, но и во акутна стресна ситуација. Паничното пореметување се карактеризира со појава на панични напади кои можат да бидат без најава, неочекувани и спонтани или да се поврзани со некоја ситуација. Во тие случаи се јавуваат непосредно по изложување на одредена ситуација и станува збор за ситуациски ограничен паничен напад или се јавуваат понекогаш во некоја ситуација и тогаш станува збор за ситуациски предиспонирани панични напади. Секогаш се придружени со симптоми од респираторен, гастроинтестинален, кардиоваскуларен и окуло-вестибуларен состав.

Појавата на панични напди во општа популација се движи од 0.6% до 1,4% кај мажи и 0,9-2,2% кај жени. Се смета дека 3-4% од возрасните во текот на животот доживеат некој облик на паничен напад. Дури 75% од клиентите со панични пореметувања се жени. Обично се јавува на возраст помеѓу дваесетата и четириесеттата година од животот. На возраст од над 65 години паничните напади се јавуваат 12 пати помалку. (Pichot, Berner, Wolf, & Thau, 1983, p. 768)

Како изгледа еден паничен напад?

Најзначајна карактеристика на паничниот напад е чувство на интензиван страв и неудобност кое трае кратко, но е придружено со најмалку 4 од повеќе можни когнитивни или соматски симптоми. Во овие симптоми се вбројуваат: палпитација (забрзано срцебиење), зноење, тресење на телото, чувство на губење воздух, чувство на гушење, болка во градите, мачнина или тегоби во желудникот, вртоглавица, дереализација и деперсонализација, страв од губење на контрола или страв дека личноста полудува, страв од смрт, парастезија и бран на топлина или студенило. Нападот почнува брзо и својот врв го достигнува за 10 минути. За тоа време личноста се чувствува дека пропаѓа, се појавува интензивен страв и има потреба да побегне од тоа место.

Како настануваат паничните напади?

Лицата кои доживуваат паничен напад велат дека доаѓа од ведро небо. Психолозите знаат дека психолошките предизвикувачи на нападот доаѓаат од потсвеста и преку психодинамски набљудувања на поединечни случаи можат да ја откријат причината за појава на паничниот напад. Многу автори се сложуваат дека постои  блиска корелација помеѓу сепарациска анксиозност и панично пореметување. (Baker, 1992, p. 170) (Liberman, 1985, p. 19) (Frank M. Dattilio, 2000, p. 35)

Се наведуваат податоци дека 43% од луѓето кои страдаат од панични напади, покажуваат подобрување по земање на плацебо, (Shear MK1, 1995) што укажува на тоа дека вклучувањето на стручно лице во лекување или терапија, позитивно влијае врз менување на психолошките предизвикувачи на нападите. Иако, постојат истражувања на тема генетика и нејзиното влијание врз појава на панично пореметување, за сега нема сигурни податоци дека појавата е од хромозомска природа која би била одговорна за пренесување на пореметувањето низ генерации.

Психодинамската терапија става акцент на страв од сепарација од значајни личности во животот на една личност, спрема кои истата чувствува зависност, но и агресија. Разделба од родител во раниот детски период може да доведе до развој на паничен напад. Многу од пациентите кои имаат паничен напад доживеале сексуално злоставување во детството. Психодинамски појавата на интензивниот страв од смрт, укажува на неговата примална природа. Детето чии што потреби не се задоволуваат на адекватен начин, чувствува страв од напуштеност и изолација, при што се јавува прималниот инстикт за преживување. Овие јаки чувства се запечатуваат во психата на детето и заради тоа во подоцнежниот период се оживуваат при паничниот напад и личноста повторно го преживува тој примален страв.

Дијагноза и лекување

За да се постави дијагноза, потребно е најмалку еднаш месечно да се појавуваат панични напади, проследени со загриженост околу нивната појава, како и промена во однесувањето предизвикана од страв за повторно настанување на нападот. Доколку паничните напади се појавуваат повеќе од 4 пати во неделата, станува збор за тешок облик на панично пореметување, умерено пореметување вклучува до 4 панични напади месечно и благо пореметување со помалку од 4 напади месечно. При поставување на дијагноза треба да се биде внимателен, бидејќи некои основни болести како што се: хипертиреоза, хиперпаратиреоза, феокромоцитом, вестибуларни дисфункции, срцеви аритмии и тахикардии можат да предизвикаат панични напади. Исто така нивната појава може да биде поврзана со конзумирање на теофилин, кофеин и злоупотреба на амфетамини или кокаин.

Најдобри резултати во третман на панични пореметувања се добиваат со фармакотерапија и когнитивно-бихејвиорална психотерапија. Исто така, значајни резултати дава и семејната психотерапија, која им помага на членовите на семејството да ја разберат природата на паничните напади и како семејната структура многу често ја одржува нивната појава и на тој начин заеднички да му помогнат на членот од семејството полесно да се справи со паничните напади.

 

Извори:

Baker, R. (Ур.). (1992). Panic Disorder: Theory, Research and Therapy Volume 13 of Wiley Series in Clinical Psychology. Wiley, 1992.

Frank M. Dattilio, J. A.-A. (2000). Panic Disorder: Assessment and Treatment Through a Wide-angle Lens. Zeig, Tucker & Co.,Ink.

Liberman, M. S. (1985). Panic Disorder, Agoraphobia and Separation Anxiety. Michigan: Michigan State University. Department of Psychology.

Pichot, P., Berner, P., Wolf, R., & Thau, K. (1983). Psychiatry The State of Art Vol.1. World Congress od Psychiatry. Vienna: Austria.

Psychiatry Vol.1 Clinical Psychopatology Nomenclature and Classification. (198).

Shear MK1, L. A. (1995). Pattern of placebo response in panic disorder. Psychopharmacol Bull(31(2):273-8).

*Фотографија превземена од: https://ravishly.com/what-its-have-panic-attack-every-day

Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...