Skip to main content

Осаменост во партнерска врска

 

                                            

Љубовната врска е посебна интеракција од односи преку која што ги задоволуваме нашите најисконски потреби за припадност и безбедност. Многу студии се напишани за тоа дека луѓето кои се во брак живеат подолго, жените кои живеат во бракови опишани како напнати и кои што меѓусебните интеракции ги доживуваат како непријателски, имаат зголемен крвен притисок и повисоко ниво на стрес. Понатаму читаме дека жени кои доживеале срцев напад, се три пати повеќе изложени на ризик од повторување доколку живеат во нескладни бракови.

Џим Којн психолог на Универзитет во Пенсилванија, заклучил дека кај мажи и жени со конгестивни срцеви слабости, складниот брак и партнеровата подршка се важен фактор за преживување на пациентот после четири години, исто колку и самиот симптом. (Džonson, 2017, str. 33)

Квалитетот на љубовнта врска е значаен фактор за нашето емоционално и ментално здравје. Непријателската критика од саканата личност и постојан меѓусебен конфликт ја зголемуваат недовербата во самите себе и создаваат чувство на беспомошност, а тоа е најчест тригер за депресија.

Кога љубовта не функционира, ние страдаме.

Потребна ни е потврда од нашите сакани. Кога не ја добиваме се чувствуваме осамени.

Што е осаменост во партнерска врска?

Чувство на осаменост е опозит на чувството на поврзаност. Тоа е субјективно чувство кое произлегува од незадоволувачки или ограничени врски со други луѓе и настанува како разлика помеѓу односите кои личноста ги има во реалноста и оние кои ги посакува. Љубовта и осаменоста се два збора кои не се трпат заедно. Но, сепак многу луѓе живеат во таква реалност, растргнати меѓу љубовта и осаменоста. Со паровите кои доаѓаат на терапија кога ги прашувам на кој начин се чувствуваат осамени, што точно тоа значи, најчесто одговараат со подлабоки емоции: отфрленост, непосакуваност, неуваженост, неважност, емоционална неповрзаност, напуштеност. Партнерите меѓусебно имаат потреба да бидат блиски, да разговараат за секојдневните искуства и чувства, но најчесто слушам: „зошто да се обидам да разговарам и така и така никогаш не ме слуша“, „тоа е како да разговарам со сам/а со себе“, „знам дека нема да ме разбере“, „ќе ме изнервира уште повеќе“, „подобро е да молчам“. Во сите овие изјави се слуша постојано преиспитување за смислата да се остане заедно, чувство на бесмисленост и длабока осаменост. Осамените партнери велат дека се соочуваат со ладен брег од емоции кај другиот партнер, игнорирани се во желбата да се дели и негува интимноста, постои правило на молчење за важни и интимни детали и дека сето тоа им прави да се чувствуваат помалку вредни, оставени на цедило, па дури и недостојни за љубов. Понекогаш осаменоста може да се компензира со други преокупации или пак да го поттикне осамениот партнер на поинакви однесувања за да привлече внимание преку соматски тегоби, инвестирање во други аспекти од животот, како што е родителството или професионалната кариера, а не ретко и барање можности за развивање интимни односи со други партнери.

Како изгледаат овие партнерски врски?

Партнерите постојано се преиспитуваат, се прашуваат како дојдоа со оваа точка, што се случи, од каде толкава осаменост и празнина, дури и кога се заедно во иста просторија. Кога разговараат се члувствуваат далечно, несигурно и раздвоено. Често пати во јавност се преправаат и претставуваатдруга слика, што уште повеќе води кон збунетост и исцрпеност. Најчесто ова е идеја на едниот партнер, а другиот следи. Живеат за да одиграат сценарио пред публика. Потоа се враќаат дома и се затвораат во сопствени светови. Во тие светови неретко царуваат сосема различни вредносни системи, така да се што едниот партнер изговори или направи е окарактеризирано како погрешно, во погрешно време или на погрешен начин. Меѓусебната комуникација се сведува на распределба на семејните и домаќински обврски или активности околу децата, станува оперативна и техничка. Партнерите кои некогаш делеа интима се претворија во соработници на проект наречен „одржување на семејство“.
Осаменоста во бракот или партерската врска може да доведе кон уште поголема посветеност на родителството и тоагаш треба да се отворат некои прашања: „дали децата стануваат емоционално преоптеретени со исполнување на потербите на своите родители, дали стануваат замена за она што недостига во бракот, дали се оптеретени со информации кои не се соодветни за нив и нивата возраст, дали покажуваат некои соматски потешкотии или преку однесувањето сакаат да го свртат вниманието на своите родители и при тоа да ги зближат, ангажираат?

Родителстовото од друга страна може да станува и деангажирано, доколу кај партнерите се појави и депресија, па радителите стануваат помалку способни да одговорат на потребите на децата, што пак допринесува да се развие улога на заштитник кај детето и тоа да се обидува да ги расположи, насмее и активира родителите, кои пак забележувајќи ја таа интенција кај децата, од грижата на совеста се чувствуваат уште полошо и така во еден магичен круг, додека партнерите да се одлучат на некој промена.

Причини за појава на осаменост во една партнерска врска

Осаменоста може да се јави како краткорочна последица на некои специфични околности или случувања:

-        Намерно избегнување и воздржување од комуникација поради некое однесување на партнерот, чувство на повреденост, лутина и сл.

-        Надворешно стресни ситуации поврзани со работата, односи со семејството по потекло или пријатели

-        Родителски предизвици кои не се усогласени со партнерската релација (мајката е преангажирана околу децата, а таткото е дистанциран, преангажиран на работа или обратно)

-        Букирани дневни распореди во кои малку време се наоѓа за негување на заедништво

-        Недостиг на заеднички интереси и заедничко поминато време

-        Преокупираност со самите себе

-        Проблеми во комуникација

-        Неразрешени проблеми од минатото

-        Страв од интимност

-        Болест кај еден од партнерите

-        Вонпартнерски врски

Ефекти кои произлегуваат од овие фактори најчесто се: доживување дека партнерот не дава доволно емоционална поддршка, ја комплицира меѓусебната комуникација, очекува премногу, преокупиран е се себе си или со потребата „осаменоста да ја замени со заедништво“, недостиг на иницијатива за заеднички активности, се повлекува, има желба за промена и сл.

Сепак во суштина осаменост во врска се појавува кога партнерите ја губат или веќе ја изгубиле взаемната поврзаност, заедничките сонови и цели. Во оваа ситуација, двата партнера се члувствуваат осамено и бракот или односот полека умира. Многу од нив избираат да живеат во овие околности, одрекувајќи се од своите потреби заради лојалноста кон она што постоело некогаш и заедничкото минато.

Меѓутоа, навикнувањето на овие околности, многу често има негативни ефекти за двата партнера.

Како да се излезе на крај со осаменоста во партнерска врска?

Нема потреба да се излегува на крај, најдобро е да се поразговара за чувството со партнерот. Заеднички да се размисли и да се открие од каде потекнува таа емоција. Дали е поврзана со некој настан, некое однесување или пак некој збор? Можеби доаѓа од преоптеретеност, па во таква ситуација корисно е да направи нов распоред, во кој обврските ќе се поделат или едниот партнер ќе се инволвира уште повеќе во секојдневните обврски. Корисно би било да се договорат секој ден да одделуваат точно определно време за нив заедно. На почетокот не би требало да се впуштаат во поинтензивен интимен контакт, доволен ќе биде допир, заедничко гледање филм или пиење кафе за да може постепено да се врати старата навика и потреба за заедништво.

Секогаш кога еден од партнерите или двајцата избегнуваат да разговараат за лични содржини или во меѓусебната комуникација не го уважуваат доволно својот партнер, се јавува чувство на игнорирање, неважност, неразбирање и резултат на тоа може да биде прекин во комуникација. Сепак, старо правило е дека и кога не зборуваме, зборуваме, а често пораките можат да бидат и појаки ако се изговараат во тишина.

Но, ова е несоодветна комуникација која подига ѕидови меѓу партнерите и затоа се препорачува партнерска терапија, пред ѕидовите да се претворатт во ѕидини.

Драгица Стаменковиќ, лиценциран психолог, семејна советничка, НЛП практичарка

 

Литература:

Džonson, S. (2017). Zagrli me čvrsto. Beograd: Laguna.

Tornstam, L. (1992, May). Loneliness in Marriage . Journal for Social and Personal Relationships, Volume: 9 issue: 2 , pp. 197-217.

*Фотографија превземена од: https://www.counselling-directory.org.uk/loneliness.html

 

 

 

 

 

 

Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...