Кога си ја дадов дозволата да бидам Доволно добра, знаев дека тоа има врска со шемата Високи стандарди. Доволно долго сум во психотерапија, лично и професионално, за да знам дека зад оваа шема се кријат и шемите Дефектност и Емоционална Депривација. Тоа е убавината на терапијата, стануваш спремен да (на)учиш како да прифатиш и живееш со сите несовршености во секојдневниот живот и релациите. Во релации човек може да се излечи и разболи. А, кога е присутна шемата Превисоки стандарди, страдаат релациите. Има многу брзање, притисок, малку време и она “може подобро”. Подобра работа, подобар брак, врска, подобар ден, подобар партнер, подобар живот, подобар Јас. Тешко е да се задоволат превисоките стандарди, тешко е да се биде доволно добар партнер, син, ќерка, колега, пријател. Но, најтешко им е на нив самите. Секојдневно во борба со самите себе и сопствените очекувања. Како на автоматска трака за трчање, без опција за исклучување. А, кога би била можна таа опција, тогаш би имало повеќ...