Skip to main content

Зошто е важно да им раскажуваме приказни на децата?

                                    

Од секогаш ме фасцинирале приказните. Научив да читам на 4 години, за да можам што повеќе да другарувам со книгите. Првин се криев под масата во ходникот, а подоцна кога малку потпораснав, се сеќавам дека имавме зелен кауч, од оние на кои мораше да им се крене седалниот дел, под кој се чуваа разни ќебиња и перници, за да може да се повлече другиот дел и да се спушти. Е, па јас кога потпораснав, го кревав седалниот дел и преку него распостелував чаршав и така скриена, во мојата кауч-куќичка читав приказни по цел ден.

И, ден денес читам приказни, а оној дел со примена на метафори во терапија и бајкотерапија ми е омилен и често го применувам во психотераписката пракса.

Имам две ќерки, ги пораснав и се уште ги растам со бајки.

А, зошто е сепак важно да им раскажуваме бајки на нашите деца?

Заради поуките, а истражувачите на бајки тоа го нарекуваат Етика во бајките.

Етика во бајките

Етиката во бајките не е прост збор од обични морални правила и унивзални вредности. Секогаш во проучување на бајката мора да го земеме во предвид и контекстот од каде доаѓа бајката. Со оглед на тоа дека бајките се темелат на усмените преданија, многу од нив во себе содржат порака својствена за подрачјето од каде што доаѓаат. Во германските бајки нагласена е послушноста на слугата спрема господарот, а во руската бајка се забележува религиско влијание.

Новите семиотичари и истражувачи се обидуваат да создадат систем на етички правила. Според руските семиотичари, правилата на однесување за јунакот се следните:

-        Задолжително е да се биде добар спрема дарителите, животните и старите

-        Треба да се избере најнеугледен предмет, најопасен пат, односно да се избере најлошата опција

-        Кога е запрашан, јунакот мора да даде информација или да одговори

-        Собирањето информации е секогаш корисно

-        Ако дарителот бара од јунакот да изврши некоја акција, тогаш таа мора да биде извршена и да води кон позитивен резултат

-        Слично на тоа, ако дарителот забрани некоја акција, јунакот мора да се покори и тоа води кон позитивност, а непокорувањето кон негативност.

-        Спрема противникот мора да покаже одлучност

-        Ако противникот го поттикнува јунакот на некоја акција, тој мора да одбие

-        Ако јунакот не се бори со противникот, туку исполнува тешки задачи, честопати мора да го скрие својот идентитет.[1]

Анилизирајќи ги руските бајки, Возин вели дека јунакот мора да:

-        Преврти неочекуваните околности во предности,

-        Постапува брзо во дадената ситуација,

-        Остане буден и да го избегнува сонот во тек на патувањето,

-        Да ги слуша инструкциите на сите кои му помагаат и да ги почитува,

-        Да ги разбере законите во царството и да ги почитува,

-        Да не ја изгуби желбата и покрај потешкотиите,

-        Да биде бестрашен во сите ситуации,

-        Да го избере вистинскиот пат и да не ја избегнува смртната опасност,

-        Да биде спремен да поднесе иницијација во сите нејзини облици и сознанието да го чува како тајна.[2]

Марк Лити не прави список, туку нагласува дека во различни бајки различно се оценуваат особините, како што се скржавост, мрзливост, сожалување. Тоа, според него докажува дека бајката е жива, а не аисториска.[3]

Марија Татар анализирајчи ги бајките кои прозилегуваат од перото на браќата Грим и Перо изведува неколку заклучоци. Доблести (особини ) на машките ликови се милосрдие и скромност, а на женските спремност за служење и работливост. Основен грев на децата е нивната палавост. Женски гревови се: гордоста, алчноста, мрзливоста, љубопитноста, непослушноста и тврдоглавоста.[4]

Општо земено, дуалноста е најприсутна во бајките. Доброто и Злото се шематизирани и секогаш две крајности. Ова одговара на чисто наивно размислување, детско или примитивно. Детето размислува: „ Она што е добро за мене е Добро воопшто и она што е лошо за мене е Лошо воопшто“. Во бајката светот се врти околу јунакот, како што и детето кое во овој период размислува егоцентрично, смета дека светот почнува од него. На овој начин размислувал и примитивниот човек.

Во бајката преовладува примитивна моралност, устројството на светот е такво, што доброто секогаш победува, а злото потполно се уништува.

На крајот секогаш постои награда за јунакот. Правдата е секогаш задоволена.

Бајката набљудувана феноменолошки и целосно, дава слика на еден среден, идеален свет, во кој правдата и доброто секогаш победуваат, а јунакот ја добива својата награда, по што станува среќен. Во бајката нема компромис со она што се доживува како зло и неправда.

На овој начин таа пренесува религиска и филозофска идеја, но не по пат на обичен исказ, туку низ слики, патешествија и симболи.

За психолошкото влијание на бајките врз развојот на децата и аналитички толкувања на некои од најпознатите бајки, може да прочитате во Бајката и Психологијата.

 

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог, семеен и системски советник, NLP Practitioner

 

Литература:

Радуловић, Немања. Слика света у српским народним бајкама. Београд: Институт ѕа књижевност и уметност, 2009.

Lüthi, Max. Die Gabe im Märchen und in der Sage ( . Bern, 1943.

Tatar, Maria. The Classic Fairy Tales: Texts, Criticism. London: W.W.Norton, 1999



[1] Немања Радуловић, Слика света у српским народним бајкама, 69.

[2] Ibid,70.

[3] Maks Liti, Evropska narodna bajka.

[4] Maria Tatar, The Classic Fairy Tales: Texts, Criticism(London:W.W.Norton,1999)

*Илустрација превземена од: https://mattandersondesign.com/wikia-fandom-dark-fairytales


Comments

Popular posts from this blog

Како изгледа твојата грижа?

  Како изгледа твојата грижа? ♦️Како изгледа твојата анксиозност? ♦️Можеш ли да ја нацрташ? ♦️Тоа може да биде појава, животно, чудовиште, личност, облик, боја, линија - употреби фантазија. ♦️Дај и/му име ♦️Откако ќе ја нацрташ 💭замисли си дека разговараш со грижата ♦️Можеш да и поставиш прашања, како на пример: 👉🏼имаш ли причина да бидеш тука? 👉🏼која е твојата функција/улога во мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, како би изгледал мојот живот? 👉🏼кога ти не би била тука, за што би размислувал/а? 👉🏼што е најлошото што може да се случи? 👉🏼а, што е најдоброто што може да се случи? 👉🏼што треба да направам за да си заминеш? Фантазирајте, отпуштете се, дозволете си да проговори несвесното. 🌷Ако оваа вежба е премногу стресна за вас, поразговарајте со блиска личност или психолог.

Што ако не Ви се допаѓаат пријателите на Вашето дете?

  Во тек на предшколскиот период и во помалите одделенија од основното училиште, пријателствата на Вашето дете најчесто се моделирани од Ваша страна. Тоа е така бидејки бидејки Вашето дете се дружи со децата на Вашите пријатели или со деца од Вашето маало, градинка и одделенија со чии родители Вие сте повржани на некој начин. Селекцијата, значи ја вршите Вие врз основа на тоа дали Вам ви одговараат родителите на врсниците на Вашето дете. Тогаш буквално скоро се се одвива под Ваш надзор, средбите и дружењата со другарите зависат од тоа дали Вие имате слободно време да го однесете детето на играње, дали Вие сте дома за да можат да му дојдат другарчиња и слично. На детето сеуште му е многу важно Вашето мислење па Ви раскажува за секој со кого остварува интеракција и до најситен детал го прераскажува секое дружење и она што му се случува во текот на играта.   Меѓутоа, по неколку години сето тоа се менува. Ви се допаѓало тоа Вам или не мислењето на врсниците и самата припадност...

Деца и Развод

  Иако секој трет брак во Европа се разведува, се уште разводот како стресен настан се наоѓа на второ место, веднаш после смрт на близок член. Со разводот не се губи само партнер, се губат секојдневни навики, ритуали, заеднички ручеци, планови за патувања, заеднички пријатели и роднини. Во многу случаи разводот претставува губиток на идентитет и процес во кој емотивната состојба кај сите засегнати од процесот поминува низ различни фази и се движи од лутина и бес, до тага и рамнодушност. Како партнерите ќе се справат со разводот зависи од многу фактори: причини за развод, карактерни особини на партнерите, начин на кој е договорен разводот, дали е планиран или се случил ненадејно и многу други фактори специфични за секој брачен пар. Но, како се справуваат децата? Повторно, справувањето зависи пред се од возраста на детето, неговите внатрешни сили, емотивната поддршка од околината, но најважно односот на родителите. Децата ќе бидат полни со прашања и ќе бараат одговори и имаат п...